„Не, немој тука“ – Јован Илиески

Веќе долго време јадеме на иста маса. Доволно долго заспивам покрај тебе. И во тоа долго време, јас имам изгубено зборови да го опишам овој живот со тебе. Одамна имам занемено кога ќе ме прашаат како ми е со тебе, што ни` се случува и зошто баш со тебе, од толку многу луѓе. Јас пак, секогаш враќам со насмевка, ако не ми се зборува или пак, ако мислам дека нешто е премногу вредно да го уништам со моите зборови. Затоа, молчам.
Јас и ти долго време сме заедно. Не премногу, но, доволно долго. Неодамна почнавме да делиме иста постела, ист кревет. Секојдневните нешта станаа уште по секојдневни, а магијата заспа и никако да се разбуди, откако јас и ти спиеме заедно. Има ноќи кога ќе се завртам на другата страна и нема да ти прозборам, а ќе ме слушаш додека плачам тивко. Има вечери кога ќе го сменам каналот на телевизорот, а ти нема да се побуниш која е причината. Па, оттаму, престанале да се раѓаат нови идеи, дискусии и желба за растење со тебе. Јас секој ден сум надвор. Мене ми требаат нови нешта, но упорно се задоволувам со тоа што останало. Патем, деновите ги поминувам со обврски околу работата, кога можам пишувам и работам на моето следно дело, а во меѓувреме чувствувам притисок од јавност, од публика и од медиуми. Ти тоа не го разбираш и тебе тој свет ти е непознат. Мислиш дека ми е удобно и дека претерувам, но и дека сакам да претерувам, па затоа не прашуваш. Ти не можеш да сетиш да прашаш како ми било после напорен ден со сеанси во мојата ординација, кога седнувам да пишувам на мојот лаптоп без да разговарам со тебе. Тебе сето тоа ти е нормално да се случува и затоа нештата се такви какви што се.
Затоа, некогаш подолго ме нема дома. Ќе се задржам на некое досадно кафе или ќе прошетам сам во паркот или ќе направам некое непотребно сликање, па ќе си ја истурам некаде енергијата, наместо да се сетам оти дома те имам тебе, оти дома ме чекаш ти.
И гледаш каде е проблемот? Јас не можам да се сетам оти тебе те имам дома. Јас не можам да се сетам наеднаш, освен ако не се исфорсирам да се запрашам што ме чека дома, па тогаш, ќе се сетам на тебе.
Колку време сме заедно, па јас не сум те слушнал да прашаш зошто го пишувам тоа што го пишувам, зошто го објавувам тоа што го објавувам и како се носам со сиот тој притисок. Ти не си тука за да ми се најдеш, ти се` уште мислиш дека моето минато е мое минато и ти не треба да се распрашуваш. И баш така, како да раскажувам шега, наеднаш се заинтересира, па ми се обрати и ме праша нешто сосем неочекувано додека седевме во нашиот дом и мрзеливо јадевме пилешки прсти.
„Зошто се лутиш кога ќе ти кажам дека претеруваш кога премногу чувствуваш?“
„Затоа што немаш право да ми го кажеш тоа.“ – ти одговорив.
„Јас го зборувам тоа за твое добро.“
Ти не правиш ништо за мое добро сега, помислив.
„Види, тогаш, направи нешто за мое добро, и кога ќе ме прашаш зошто ги правам нештата на начинот на кој што ги правам, пробај повеќе да разбереш. Во ред?“ 
„Гледаш, ти веднаш се лутиш.“ – кажа одлучно. – „Со тебе не може да се разговара.“
„Секако.“ – ти се насмевнав. – „Со мене не може да се разговара, затоа што со мене одамна не се разговара. И кога човек прави нешто предолго време, станува добар во тоа, без разлика дали е добро или лошо. Јас и ти не зборуваме. Ти уште не знаеш зошто почнувам да плачам ако раката ја поставиш на погрешно место кога водиме љубов.“
„Гледаш?“ – кажа безосетно. – „Ти мислиш само на себе.“
„Така?“ – ми се насолзија очите и станав од масата.
Веднаш излегов од собата.
„Може да застанеш малку?“
Не ти возвратив и не те удостоив со одговор и направив баш така како што ти замислуваш дека јас си правам, оти мислам само на себе. Па, во мигот не ми беше важно дали ќе те најдам после дома или ќе ме напуштиш – едноставно, истрчав од просторијата, за мое добро.
Ти не ме ни прашуваш зошто тоа се случува. Ние не разговараме, а ти ова го нарекуваш љубов. Оддалечувајќи се од разговорите, се оддалечуваш од нашата суштина, а јас немам тука што повеќе да барам.
Ти никогаш не научи што навистина ме прави тажен, иако знаеше што ме прави среќен. Никогаш не научи како со повреден човек, како со човек кој бил прегазен со камион и не знае за среќа.
По кој пат да си  кажам на себе, мислам дека нема да научам – среќа не се гради со човек кој не знае како со твојата тага.
И не, потоа не се вратив во собата. Потоа, не ти се јавував и не ти одговарав на повиците. Ми требаше време. Да сфатам, зошто го правам тоа што го правам.
И се` заврши, тогаш.
Заврши се`, не поради тоа што заминав и не се вратив.
Туку, поради тоа што не знаеше да сфатиш дека ми треба време да поминам преку сите мои трауми и сето зло што ми беше нанесено. Ти заборави дека живееш со човек, а не со робот. Заборави дека човекот со кој живееш има рани по телото кои сеуште можеш и физички да ги допреш и со очи да ги видиш.
Истите тие места кои претходно биле удрени, кога ќе ги допреше ти, не ти беше јасно зошто некогаш знаев да кажам „не, немој тука.“
Не ти беше јасно.
Ниту за тие рани,
ниту за времето што го побарав од тебе.

Unhappy couple sleeping in bed

Напишете коментар