ЗИМСКИОТ САЕМ НА КНИГА: 30.01, ПОНЕДЕЛНИК: Јован Илиески

Зимскиот саем на книга во Клуб Матица на Булеварот на книгите трае од 20 до 31 Јануари. Во книжарницата може да се најдат сите изданија на Матица на огромен зимски топол попуст, како и македонските автори.
prazna5

Јован Илиески е еден од авторите на Клуб Матица кој ќе потпишува на 30.01.2017, во Понеделник од 18 часот на Булеварот на книгите.
Со него завршува зимскиот саем и се заокружува неговото затворање.
Јован ќе биде таму да ни ги потпише „Кругот на животот“ и неговиот последен роман „Сенки на полноќ“ – чии дела се во рацете на Матица Македонска.
Освен тоа, ќе се дружиме и ќе бидеме дел од една приказна зад која секоја година стои оваа издавачка куќа.
16118506_10154669553886620_432145316_n

„Ко` твојата љубов“ – Јован Илиески

Надвор снегулици излегуваат од уснава празнина.
Лицево се топи на твојот допир.
Слушаме стар џез. И топло ни е.
Ти го држиш воланот и се преправаш дека не се знаеме.
А си ги знаеме очите. По погледи се познаваме.
Ти го држиш воланот и го попушташ радиото.
Ако го излизгам прозорецот надолу,
кожата ќе ми се накостреши,
и спомените ќе замрзнат.
Го оставаш радиото да трепери во тишината
Читам Inspiration со дигитални букви напишано.
Некогаш и нашата приказна ќе биде напишана.
Во некоја песна. Или во некоја душа.
Ако некогаш ја прераскажеш.
Ако некогаш се осмелиш на некого да кажеш,
за мојот капут блиску до твоите раце,
и прозорците со мразулци, а радиото тишти од топлина.
И така убаво ни е. Си стоиме.
И не се прашуваме за животот.
Гледаме напред, а напред е празен автопат.
Нема автомобили пред нас,
ами автомобили поминуваат покрај нас.
Ти си го запрел автомобилот.
Си го паркирал тоа возилото,
а јас сега сфаќам.
Си ги оставил светлата да трепкаат,
а јас сега гледам и сфаќам.
Исто ко` твојата љубов.
А јас сега сфаќам.
tumblr_nul3mj6l0e1spnyg9o1_500

„Ѕвезди, алкохол и ти“ – Јован Илиески

Вечерва милион ѕвезди ми се вртат.
И една од тие ѕвезди си ти.
А планирав да те оставам.
И те оставив, мислам дека.
Ама вечерва не сум сигурен за ништо.
Алкохолот ми врие во крвта,
и светот почнува да ми се превртува.
Сфаќам дека е време да престанам.
Сфаќам дека ти никогаш не сакаше да бидеш
сакана на начинот на кој што јас знаев да сакам.
Ама сфаќам дека и испаднавме нефер кон љубовта.

Кукавици, бре. За никаде.

Затоа сега ги празнам чашиве.
Која стигнам ја внесувам во градиве.
И не знаеш сега колку сум сигурен дека те љубам.
Коњакот пред малку ми го потврди тоа.
И јас шепнав на нечиво уво, мислејќи дека тебе ти велам.
Ама се лажев.
Вечерва сум сигурен дека ти си тоа што го барав.
Вечерва сум сигурен дека ти си тоа што го најдов.
Вечерва сум сигурен дека ти си тоа што го изгубив.
Вечерва сум сигурен дека ти си тоа што ме изгуби.
И се љубевме. И се изгубивме.
На здравје нека ни се годините!
А покасно знам дека ќе те плукам од градиве.
Исто како што ти ја исплука мојата љубов од твоето его.
Оти мојата љубов ти се береше не` во душата, ами во егото.
И сега ти велам, ги празнам чашиве.
Вечерва, пијам, плукам, пцујам, љубам, колнам.
Сеедно ми е.
Исто како што тебе ти е.
Ама само алкохолот вечерва, и некој таму, знае за нас.
И знае колку те сакам.
Те сакам колку што ни боговите не можат да замислат.
Колку што и Дионис го љуби виното,
и Афродита ја љуби љубовта.
Те сакам толку колку што изгубив се` поради тебе.
Те сакам…
Те сакав*

tumblr_mg42kyctez1s1l043o1_1280

„Ќерката на ѓаволот“ – Јован Илиески

Здраво.
Јас немам име.
Ама, важно е да ви кажам неколку
убави работи за мене.
Нешта по кои ќе ме паметите.
Па вака…
Мојата омилена боја е црвената.
Јас читам книги,
и гледам документарци.
Јас сум вљубена во Алјаска.
Јас сум вљубена во моите моќи.
Јас го сакам натприродното.
Љубовта, Кармата и Одмаздата.
А сите три се едно исто.
Јас имам срце кое може да
го опфати целиот свет со својот лед,
ама и да го скрши истиот лед,
со сета своја топлина.
Не знам дали сте чуле за Рим…
Ама мојата насмевка е онаа која
го срамни Рим до земја.
Моите заби се оние кои ви оставија
рани на вашиот врат.
И вие, наивните, тоа го нарекувате љубов.
Јас ги имам тие раце од челик,
кои каде и да допрат, оставаат рани.
Јас ги имам тие усни кои каде и да ве бакнат,
ви ги лекуваат раните.
Ама јас не лекувам рани.
Јас ги создавам.
Затоа што сама се излечив.
Јас ги имам тие гради, кои изгледаат
како извајаната божица Афродита.
Јас сум таа која што мојата прегратка,
ја има силата на камшиците на фиктивните дрвја.
Кога ќе се оддалечиш од мене, тие силно удираат,
се додека не посакаш да се вратиш.
Јас ги имам тие прсти, кои го горат твоето тело,
каде и да те допрат.
Јас ги имам тие нозе, кои ги слушаш како чекорат,
дури од милји и милји подалеку, и бегаш од нив,
само затоа што чекорите мои те притискаат по срцето.
Затоа што со тие нозе, јас ја соборив Троја.
Јас ги имам тие очи, во кои се крие целиот универзум.
Јас ги имам тие очи, во кои се крие мистеријата на Пацификот.
И никогаш нема да ме дознаеш, иако очите
се огледало на душата.
Затоа што јас немам душа.
Кога ќе погледнеш, го гледаш универзумот,
а не ми ја гледаш душата.
И до кај бев… Што ти зборував.
А, да! Епа… Јас го имам „Продавачка на цвеќиња“
на расипана стара касета, затоа што ми е омилен филм.
Јас сум таа што ти беше оставила рани на срцето,
на умот, на телото, на душата, на личноста…
Јас сум таа што ти беше оставила рани на раните.
Јас сум ќерката на ѓаволот.

П.С И знам дека ова еден ден ќе го наплатам во пеколот,
ама Тато е таму, па имам врски за да ме стави преку ред во Рајот.
И што тогаш?
Ќе се видиме таму. Јас и ти.
Таму ќе ти ја дадам љубовта што ти е потребна.
Затоа што за мојата љубов, светот не беше доволно чист.

Ама и Тато ми призна, некогаш и праведниците горат во пеколот…
Вели, „Убавино, тие што најмногу љубат, најмногу горат.“

Тогаш сфатив. Тато ми вели да не го палам огнот, затоа што
на крајот, ќе треба самата во него да горам.

Ама јас не сакам да горам.

И видов, не видов, вака, така – јас, во оган се сторив.
И оганот не може да ме изгори, затоа што сум од оган направена.

Ама јас нема да му кажам на Тато, исто како што не ти кажав тебе.
Само ќе го замолам. „Татичко, однеси ме во рајот.“
405344_2904155215880_487570358_n

„Го излечив, а потоа ме разболе“ – Јован Илиески

Се започна кога му го дадов срцето.
Не бев лесна, но подлегнав на него.
И како што велат старите – здраво за готово.
Тој, тоа го мислеше за моето срце.
И затоа не се ни потруди да го задржи.
Беше среќен што си беше. Јас го гледав кога се смее.
Тој ме гледаше кога се смеам.
Ама јас се смеев затоа што он се смееше.
А мислам дека и ден денес си вели на себе си,
дека сум се смеела затоа што сум била навистина среќна.
Не дека не бев, јас си бев. Кога бев со него, прскав од среќа.
Но, повеќе бев среќна затоа што него го направив среќен.
Така, сакав да го гледам кога ми се смее.
И јас бев таа што го тргна од болката.
Јас бев таа што го смееше.
Јас бев таа што го проби ледот.
Јас бев таа што го излечи.
Јас го излечив.
И сега пробувам да се излечам самата.
Ама, јас мислев дека е некоја тешка болест.
На пример, љубов, рак… И такви ствари.
Тоа, да ти било обична настинка.
И јас ја префатив.
Го излечив, а потоа ме разболе.
Го засакав, а потоа се откажа.
А додека тој ме сакаше, јас пробував да го сфатам.
И кога конечно го сфатив, тој си замина.
Чуден ти е овој свет, нели?
Ги лечиш луѓето, а потоа ја префаќаш истата болест.
Јас го натерав да се вљуби.
И јас сум крива. Сега си ја плаќам грешката.
И не треба да се жалам.
Го натерав да се вљуби, го направив среќен,
а кога си ги наполни батериите кај мене, си замина.
Толку лесно.
Затоа јас ќе си го чекам следниот,
да ми ја излечи оваа кивавица, која ја префатив.
А всушност, се тешев. Ех, да беше кивавица…
Љубов е, луѓе. Љубов е.
И имаат едно заедничко нешто.
И двете се префатливи.
Јас го заразив него, и кога тој конечно се излечи,
јас се борам со истата префатлива болест.
Ама разликата е во тоа што сега, него го нема да ме излечи.
Затоа не спијам.
Затоа пијам.
И витамини и алкохол.
И се.
Се што би можело да ме спаси.
Ама вистината беше дека единствено тој може да ме спаси.
Единствено Тој, или евентуално – некој што ќе го замени него.
tumblr_n30aoon7W41sy652lo1_500

КОЛУМНА: „СВЕТОТ ДЕНЕСКА“ – Јован Илиески

Живееме во хаос. На среќа во некаков уреден хаос. Ни се случуваат работи за кои не сме ни свесни, не ги ни очекуваме, а не ни реагираме на истите! Станавме експериментални глувци на научниците, на властите. Станавме играчка на високите органи, кои ја смислуваат играта, а ние сме само дел од неа. Мислиме дека сето она што го гледаме е реалност, а всушност тоа е фиктивна реалност која ни е послужена, со цел да не знаеме за ништо друго. Да бидеме слепи пред работите што тие ги прават. И знаете што? Успеваат во тоа!
Сите ние, еден ден ќе бидеме храна за црви. Дојдени сме на овој свет да направиме нешто, да создадеме, да шириме љубов, а не омраза.
Проблемот лежи во тоа што оние кои ја создале оваа игра, наречена дваесет и први век, успеваат во тоа да не исконтролираат и да не размислуваме со своја глава. Проблемот лежи во тоа што премногу имаме самодоверба и мислиме дека се знаеме, сме ги прочитале и научиле сите учебници, книги… Луѓе, реалноста е поралична!
Не велам дека книгите прават лошо во светот, но ова веќе не е демократија. Диктатура е!
Изложени сме да слушаме секакви работи, од типот на политика, криминал (исто е, ама колку да се зачува оригиналноста на изразот). Приморани сме да слушаме работи кои не сакаме да ги слушнеме, само за да бидеме навлечени на некоја реалност која што ни е понудена, а вистината никогаш нема да ја знаеме.
Знаете зошто? Затоа што сме скотови! Да, скотови.
Освестете се навреме! Луѓе сме, а не роботи!
Размислувајте!
Ние не смееме да припаѓаме на ниедна партија.
Ние не смееме да шириме омраза.
Ние не смееме да ја мразиме нашата земја.
Ние не смееме да величаме луѓе кои се безвредни.
Ние сме само пиони, добро?
Помирете се со тоа или обидете се да смените нешто!
Дојдовме на ниво во светот, кога подобро би гледале двајца мажи кога се држат за оружја, да се убијат меѓусебно, отколку да се држат за раце и да шират љубов.
Не велам дека е правилно. На овој свет веќе ништо не е правилно.
Но, ако веќе умреме, ако веќе ни е пишано да изумре човечката раса,
тогаш, нека умреме од љубов! Нели?
Или не?
Дојдовме на ниво во светот, кога подобро се чувствуваме ако некој не контролира нас, отколку ние да превземеме нешто за самите себе си.
Се потпираме на политика, се потпираме на кризи во светот, се потпираме на разни политичари, да не речам криминалци, кои што будно го менуваат светот, а ние седиме во место и чекаме да видиме што ќе се случи со нас следно.
Ќе изгинеме! Ние сеуште не го разбираме тоа…
И непријателите не ни се на другата страна од земјината топка. Не се соседите, не се ниту ни оние кои ги мразиме. Непријателите сме ние, самите.
Самите создаваме.
Самите уништуваме.
Самите си ја градиме иднината.
Ама денес, не.
Во време кога треба да напредуваме, да создаваме, во буквално секоја смисла на зборот, ние седиме пред телевизор и плукаме по медиумите, по политиката, по бедата, по кризата…
А љубовта никаде ја нема!
Што ни е, луѓе? *ако сеуште сме луѓе*
Каде е мирот во светот?
Ова веќе не е детска песничка или некоја игра за мир во светот.
Нас, на луѓето, сериозно ни треба мир во светот.
Овој хаос да се претвори во тотална хармонија.
Инаку, се ближи крајот. И не е далеку.
Сега, во овој миг, на луѓето на кои им се дивиме, бавно го уништуваат светот и создаваат нов поредок.
Џабе! Сленг е, ама да, ЏАБЕ се бориме и водиме војни за религија.
Религијата е нечив избор и верување во натприродното.
Она кое што ние сите го имаме и она кое што е заедничко, за сите нас.
ЏАБЕ се боримо за едно исто.
Религијата не е ништо повеќе од власт, денеска.
Џабе се тепаме околу расите и бојата. Тие ќе бидат и ќе останат такви.
И нема тука нешто грешно. И така треба да биде.
Луѓето се различни, тоа и го прави светот убав.
Ширите убавини, луѓе, убавини!
Но, сеедно ни е да седиме и да гледаме како луѓето умираат од глад, како бедата бавно не уништува, како лица за кои светот никогаш не слушнал, управуваат со нас, бедните смртници.
И тоа на нас, се ни е океј. Така?
Тогаш, да се помириме со тоа дека и ние еден ден ќе исчезнеме.
Човечката раса додека сме трепнале ќе ја нема.
Проблемот лежи во тоа што мислиме дека имаме премногу време, сеуште…
Не! Времето истекува. А со него, и ние…

Рајот не е на небото. Рајот е тука. Рајот е светот. Рајот е Земјата.
Да се освестиме, пред времето да истече!

– Јован Илиески, 2016
skyline-manhattan-new-york-city-new-york-usa_main

„Ми фалеше, а те немав“ – Јован Илиески

Се сретнувам после долго време со тебе.
Се чувствувам како да е за прв пат.
Довикувам „Еј, странецу!“ по тебе.
Ти се заврти.
Сфатив колку ми фалеше.
Ми фалеше, а те немав.
И сега се мислам зошто ми фалеше,
а никогаш не те имав.
Можеби затоа што најмногу ни фалат
оние кои сме ги немале… Можеби.
Затоа што баш оние кои што сме ги немале,
не имале нас. Целосно.
Ама, што дека?
Јас ти го покажав океанот.
И пливавме што пливавме заедно,
ти ме остави да се давам.
Ти ја дадов моќта да ме уништиш,
а ти чесно и поштено си ја искористи.
Секоја ти чест.
И после долго време кога те видов,
собата беше преполна.
А се чувствував како да сме сами.
Ми пријде и ми рече
„Чекај.“
Се завртев.
„Има луѓе во собава кои сум ги оставил со зборови неискажани.“
Во тој миг, не можев да најдам посовршено нешто.
И тогаш, се разбудив од сонот.
И сега чекам ден.
Едвај чекам ден,
кога ќе заврши сето ова.
А тој ден, отсега го чувствувам
не е нималку блиску.
tumblr_mpiys0BR111r7q7tuo1_500

„Тажна ти се радувам“ – Јован Илиески

Тажна ти се радувам, бе човеку…
Како не ме чувствуваш.
Те сакам колку егото,
а сум сакала и повеќе од ѕвездите.
Ти спијам на рамена
тажно насмеана.
Чиниш, среќна сум.
Ме гледаш и си мислиш
„Јас сум причината
за нејзината среќа.“
Везден ме прашуваш,
дали те сакам.
Не си недоветен да не забележиш,
дека телово ми е кај тебе,
а срцево кај друг.
Како да ти кажам?
Преполна сум и осамена.
Научив тажна да ти се радувам.
Да мислиш дека сум среќна покрај тебе.
Да те исполнува и мојата насмевка.
Ама, знаев уште од почетокот.
Со текот на времето, научив да те љубам.
Научив да те љубам, будалче мое.
Научив да те сакам,
можеби не повеќе од ѕвездите,
ами сигурно повеќе од себе си.
Но, нешто во мене недостигаше.
И кога те љубев, недостигаше.
Тоа беше тагата моја.
Мислам, не ми фалеше тагата.
Туку, тагата сеуште беше присутна.
Сеуште, тажна ти се радував.
Знаев дека и ти еден ден ќе заминеш.
Знаев дека и ова еден ден ќе го нема.
Се радував, со закачена насмевка на себе,
а кој би рекол дека душава ми крвари.
Да ти кажев се, можеби немаше да ме разбереш.
Затоа, молчев.
Чекав, времето да ти докаже.
Но, паднав во поголема каша, бејб!
Како што поминуваше време,
твојата љубов се зголемуваше.
Ти беше човек,
кој што знаеше како се љуби една жена.
И бев сакана.
Еве, не се жалам.
Ама, прости…
Не знам да ти ја возвратам таа љубов.
Не можам да најдам средина во љубовта.
Ти си тука, а сонувам за друг.
Прости.
Не си ми алатка за заборав,
но, го мислам со денови.
Го мислам уште пред да те знам.
Навика ми е.
Но, не можам да го имам.
Прости ми.
Затоа, барем ти се радувам.
Тажна ти се радувам.
Но, не ми вели дека не можам да те љубам.
Ќе се научам, ветувам.
Доста ми е од него.
Нека сум тажна, барем да ти се радувам.
Да ти се радувам, затоа што знам.
Знам дека некој е покрај мене.
Знам дека некој ме мисли пред да заспие.
Знам дека некој сака да ми се јави во три наутро.
Знам дека некој ме љуби повеќе од се.
И ако ти признаам некогаш,
не заминувај од мене.
Вети ми дека ќе ја избавиме тагата заедно.
А јас, дотогаш, ќе продолжам да ти се радувам.
Ќе се смеам со солзи во очите.
Ама, барем нема да бидеме скршени, нели?
Нема да се повредуваме.
Ќе ти се смеам.
Ќе ми се смееш.
И повремено ќе ми ги бришеш солзите.
Ама, барем ќе ме научиш да живеам.
Те молам, стори го тоа за мене.
За нашата љубов.
Ќе прашаш, која наша љубов.
Добро. Да не те лажам.
Еве, стори го тоа за твојата љубов.
Да не биде залудно.
И те молам, прости.
Прости ако тажна ти се радувам.
Таква сум по природа.
И не можам да најдам средина.
Или останувам рамнодушна,
или со секој допир ме носиш на месечината.
Пробувај секојпат.
Верувај, ќе успееме заедно.
Можеби, не те љубам толку
како кретенот што знаеше само да ме расплаче.
Но, со текот на времето,
насмевката ќе ми стане
поважна од солзите.
И тогаш, еден ден,
ќе ти се насмеам од срце,
без солзи во очите.
Ќе ти кажам дека ти си ми се.
Дека во тебе сум го пронашла домот.
Дека твојата прегратка е мое се.
Дека твоите очи ми се ѕвезди под кои спијам.
И тогаш, ќе ти стане јасно, зошто толку си чекал.
Верувам, ќе се исплати.
За такви ко тебе, што знаат да љубат – се исплаќа.
И тогаш повеќе, нема тажна да ти се радувам.
Ќе ти се радувам од срце и ќе бидам среќна што си тука.
Покрај мене.
Тогаш, ќе ми простиш за се.
И ќе ми биде најважна твојата насмевка.
Чекај барем, тагава да ми стивне.
Мислиш дека ќе му се вратам?
Ех, се лажеш.
Добро… Можеби – не гарантирам.
Јас не сум електронски уред што го купуваш,
и ти даваат гаранција две години.
Јас доаѓам без гаранција.
Но, на некој начин – можам да ти ветам.
Нема да му се вратам.
Иако, тоа ќе биде најтешката одлука
што некогаш ќе ја направам,
но, нема да му се вратам.
Тогаш, кога еден ден, тој ќе ме побара…
Е баш тогаш, се што ќе сакам
ќе бидат душевниот мир и твојата љубов.
Нема да го барам него.
Можеби, ќе биде тешко.
Ќе копнеам.
И кога ќе дојде да му се вратам,
ќе треба некоја натприродна сила,
да ме натера да останам со тебе.
Затоа што, пеколно го љубам.
Но, ќе се завртам кон тебе
И ќе сфатам дека не си ме дигнал до ѕвездите
како тој што го сторил тоа,
но ниту си ме расплакал,
како тој што го сторил тоа.
Затоа, ќе ја одберам пластичната насмевка,
наместо вистинските солзи.
Ќе одберам да бидам повторно тажна.
Ама ќе ти се радувам.
Ќе ти се радувам за твоето присуство во мојот живот,
и со секој нареден ден, ќе бидам уште повеќе благодарна.
Благодарна, затоа што тажна се радувам.
Ама, како да ти објаснам – СЕ РАДУВАМ!
Ме разбираш ли?
Се радувам.
Се радувам на твоето присуство,
иако најмалку те посакав тебе.
Но, ме избави од тагата,
ме тргна од опсесијата,
ми ја излечи депресијата.
Направи се, за да бидам искрено насмеана.
Затоа – девојко навикни се! – си велам себе си.
Научи се да го љубиш.
Таков како него, не ќе најдеш.
И тука е сега, покрај мене.
Стојам насмеана, демек среќна.
Но, можеби навистина среќна.
Неговата насмевка ми значи се.
Неговата прегратка ме топли.
Се ми е.
Го љубам, Исусе.
Го љубам, затоа што ме избави од гревот.
Ме избави од тагата.
Го љубам, го љубам и бескрајно го љубам.
А, седам и го гледам како вљубено ме зјапа.
Го љубам.
Но, Исусе, дали навистина му се радувам?
tumblr_nmt8bjQDfO1rks5xoo1_500

„Денес, љубовта е пазар“ – Јован Илиески

Затвори си го срцето, малечка.

Затвори си го, да не може никој да отклучи.
Знам.
Нема да бидеш своја.
Нема да бидеш своја,
затоа што сакаш да го прегрнеш.
Сакаш да го почувствуваш.
Сакаш да го помирисаш.
Оти сакаш љубовта да ја искажеш.
Да ја пренесеш.
Да ја докажеш.
Но, мислев дека си научила да не си го отвораш срцето
на оној кој не сака ни со збор да ти го отклучи.
И немој.
Подобро, остани на страна.
Слушај ме што ти кажувам.
Денеска, љубовта е пазар.
Не се пазари со него.
Знам. Нема да бидеш своја.
Така, нема да бидеш ни негова.
Ќе бидеш ничија.
Знам дека ќе ти биде тешко.
Но, поради многу одлуки си патиме.
Нели?
Одлучи.
Ти, самата.
Иако, знам дека не можеш.
Затоа што една од најголемите одлуки која треба да ја донесеш,
е дали треба да ја разголиш душата или не.
Тогаш, или го правиш најдобриот избор, или најголемата грешка.
Ризикувај, малечка.
Што да ти кажам…
Љубовта е таква.
Таа не е ништо друго, туку ризик.
Зборов ми беше…
Пред да го сакаш него,
научи се да се сакаш себе си.
heart,broken,heart,fantasia,hurt,broken,love-73c1f0e8f1b281df71319b2caeaf10f2_h_large

„Црвена и сина“ – Јован Илиески

Се сеќавам на еден ден.
Се сеќавам кога те запознав.
Кај те запознав, кај се запустив.
Ама не, јас сум инает. До мене е.
Прости.
Повеќе пати се обидов да ти пријдам.
Да ти кажам за ерупцијава во срцево.
Тој ден, кога те запознав, се сепнав кога те видов.
Нешто во мене се помести.
Некоја жичка што беше поврзана со срцето.
Е да му се плукнам!
И секој ден од тогаш, те мислам.
Ми се вртиш во мисливе.
Ми течеш во вениве.
Ми чукаш во ритам со срцево.
Ми го јадеш ручекот.
Секое утро, во кафето си ми.
Не можам да те одлепам од кожава.
Дај малку… На далечина!
Не е добро волку, за девојка како мене.
Ваква. Пристојна. Што знае да води љубов со очи.
Ама, ќе ме бараш – ќе видиш.
Секој знае да те соблече со раце.
Уметноста е да може некој со поглед да те соблече.
Ете, затоа јас сум тука.
И не оди од тука.
Не оди, те молам.
Научи да ме сакаш, ти се плукнам во слепиот!
Не гледаш дека горам по тебе.
И се сеќавам, пред некое време, дојде.
Да, дојде.
Не ми се веруваше, ама се нацрта пред мене.
Ми рече дека сум ти се што сакаш во една девојка.
Сум била комплетен пакет.
Веднаш се дадов.
Таква сум. Наивна за љубовта.
И искрено… Те засакав.
Ми спиеше на рацеве.
Ми дишеше на градиве.
Ми легаше на срцево.
Потем, никако да те откачам.
Се мислам дали да ти кажам
дека се сомневам во љубовта твоја…
Не сакам.
Знам дека ќе те фати инат и ќе почнеш да кршиш се.
Ќе кажеш – Како не си сигурна, ти дадов се.
Ќе ти кажев многу работи.
Ама не можам да бидам сигурна. Разбери, ок?
Не можам, оти многу пред тебе ми даваа се.
А, потоа си заминуваа.
И знаеш што?
Арно ќе беше да го бараа!
Абе, не за мене.
Не го бараа, тоа што ми го даваа.
Сакам да ти кажам…
На пример, ми даваа љубов неизмерна.
И кога ќе си заминат, ја оставаат кај мене.
Тоа е полошо, верувај ми.
Ја оставаат, буквално.
И јас што да и правам?
Ме оставаш со толкава љубов.
Барем да ми ја земеше.
Да ми ја олеснеше душава.
Но, ми ја оставаа упорно, ме разбираш?
Тоа е товар, не е среќа.
Товар е, затоа што не можам да се љубам самата себе.
Мора да ја поделам љубовта со некого.
Но, сеедно.
Не се грижи за мене.
Регенеративна сум.
Се научив, љубовта што ми ја оставаат,
да ја обновувам и да ја чувам.
За што да ја чувам?
За кретени ко тебе.
И ко секој нареден.
Ќе речам… Машко си.
Абре, удри ко машко.
Сакај ко машко.
И напушти ме како машко.
Вака, на ништо не личиш.
Барем да ме скршеше, да ми се развикаше.
Да ми речеше
„Еј малечка, ти не си за мене“
„Готово е помеѓу нас.“
„Нашево и никогаш не било љубов“
Ништо од ова.
Низок си.
Не ми ни кажа нешто.
Без збор си замина.
Тивко ме скрши.
Затоа не сакав џентлмени.
Ме правеа да се чувствувам несигурно.
Затоа што беа кукавици.
Како што тивко знаеја на уво да ми шепнат
„Ти си ми љубов.“
Така, ме напуштаа, тивко…
Не сум јас за тие работи.
Остави ме мене.
Оди, сакај друга, така.
Можеби на друга и ја земам среќата.
Затоа, те нејќам!
Те нејќам.
Да, не те сакам.
Едноставно – те нејќам!
Затоа што не дојде да ме распарчиш,
како што ти доликува.
А, јас, ма. Будала ќе изигравам.
Оди, пушти го кретенот.
Јас пак, ќе правам идиот од себе.
Ќе се уништам самата, за да те поправам тебе.
Разбираш ли колкава е мојата љубов?
Не можеш да разбереш.
Евтин си ми.
Обоен си ми во црно.
Од тој ден, во црно те гледам.
А цело време додека ме држеше за рака,
поцрвенуваше.
Ми носеше црвени рози.
Ми даваше чоколадо со јагоди,
затоа што тие биле црвени.
Ме носеше на места, кои беа уредени
во црвена боја.
Ти ја сакаше црвената.
А црвената е симбол на љубовта.
Не оди. Отсакај ја црвената.
Не е твоја боја.
Црвено, не ти стои.
Поубав си ми во црно.
Како душава моја и срцето твое.
Одвикни се од црвената, те молам.
Не се залажувај. И не ја залажувај, идната твоја.
Во иста замка како мојата, не заслужуваат сите да бидат.
Ма не, и јас не го заслужив тоа.
Ама свесно паднав во твои раце, нели?
Ко да мораше да се случи ова, да му се плукнам!
Ама ако. Искуство повеќе е бре, човеку.
Ќе се научам помалку да сакам.
Ќе се научиш повеќе да цениш.
Човекот учи додека е жив, нели?
Затоа, одвикни се од црвената.
Знам дека црвената е твоја боја,
како што сината е моја.
Ама не ме гледај мене.
Јас, твојата малечка, цел живот е сина.
Сина е симбол за тагата и
сината ми е заштитен знак.
Можеби и затоа ме засака…
Оти бев поразлична од тебе.
Бев спротивна боја.
А ти ги сакаше спротивностите.
Затоа што беше убеден дека си црвена,
дека си љубов, дека  си вљубен.
А научи да ме сакаш затоа што
јас бев сина, бев тажна и спокојна.
Ти црвена.
Јас сина.
И кога ме допре,
а чумки мојата кожа платно,
па двете бои се помешаа…
Кожата виолетова ми се стори.
Тогаш, се сети дека виолетовата
не е твоја боја.
И си замина.

30b93ee0046e30b0b51533938b65c562