„Ти се лутам“ – Јован Илиески

Ти се лутам. Ти се лутам затоа што не јадевме сладолед заедно. Ти се лутам затоа што не го гледавме омилениот филм во кино. Ти се лутам затоа што не ми направи појадок тој ден. Ти се лутам затоа што една вечер не сакаше да одиме во моето омилено кафуле. Ти се лутам затоа што сакаше да ја поминуваме улицата на црвено. Ти се лутам затоа што не ги враќаше навреме книгите во библиотека. Ти се лутам зошто не сакаше да дојдеш со мене кога ти велев, ќе те запознаам со моите. Ти се лутам затоа што не сакаше да ти го купам омиленото лизалче. Ти се лутам зошто не слушаше музика ко мојата, ама таква и ти прилегаше, па ти го простував тоа. Ти се лутам зошто никогаш не слушна песна која ти ја посветив. Ти се лутам поради тоа што беше инает. Ти се лутам затоа што не сакаше да го пробаш она што ми се допаѓаше мене. Ти се лутам затоа што ме влечеше ко мртов по тоа бутиците, а небаре не сакав. Ти се лутам за летото кога ми се налути и не го поминавме заедно.
Ти се лутам затоа што не ми го знаеше срцето.
Ти се лутам затоа што не ми прочита од очиве.
Ти се лутам зошто не ми се лутеше и ти се лутам зошто не ме љубеше.
Ти се лутам затоа што не ја живеевме нашата приказна.
А прерано си отиде.
Не прашува. Никој.
Ти се лутам. Лут сум ти.
Лут сум ти затоа што не дозволи да напишеме приказна заедно.
Сега вака ќе се сретнеме еден ден нечии или ничии,
и борбата ќе биде во тоа кој ќе издржи
да не заплаче.
Требаше на време да мислиш, луда главо.
Ама и таква те љубев.
Баш таква каква што ми се случи.
Душичката ти ја љубев. Не знам како да ти кажам.
Така целата те љубев, како порцеланска кукла.
Ама те љубев.
Разбираш што ти зборам сеа?
Те љубеВ. Тоа беше еднаш и никогаш повеќе.
И затоа што никогаш нема да се повтори,
затоа ти се лутам, кукло една.
И затоа нема никогаш да ти простам.
Ти се лутам и ти се лутам.
Сега јас ќе бидам инает.
Никогаш нема да ти го простам,
тоа што дозволив да ми се случиш.
Луда една!
Никогаш нема да ти го простам сладоледот,
кој никогаш не го добив.
Ти се лутам.

Ама треба да знам,
да не се лутам на тебе
и на таквите ко` тебе
и да те разберам оти не секој е писмен да чита меѓу редови.
tumblr_mvbaurByDX1sqb23mo1_500

Напишете коментар