“СОБА 610” – 8ми СЕПТЕМВРИ / САЕМ на КНИГА

ОФИЦИЈАЛНО! #BookCover #Соба610

КОЛКУ МОЖЕ ЕДЕН ЧОВЕЧКИ УМ ДА БИДЕ НЕПРЕДВИДЛИВ?
Непозната жена го пријавува нејзиниот сопруг за исчезнат по изминати триесет часа. Прочуениот инспектор во Верона, почнува да работи на случајот, но никој не го предупредува од неочекуваното, се’ додека полицаецот Пелегрини не му каже дека таа жена е многу добро позната на полицијата.
По нејзиното заминување од станицата, градот на љубовта, преку ноќ се претвора во градот на измамата, скриените тајни, манипулирањето со потсвеста.
Мистериозното исчезнување на нејзиниор сопруг достигнува напрегнат психолошки пресврт кој си игра со здравиот разум на секој лик во приказната, а најмногу со нејзиниот.

На крајот, КОЛКУ ЌЕ ГО ЧИНИ ЗЛОСТОРНИКОТ АКО БИДЕ ЖРТВА НА СОПСТВЕНИОТ ХАОС?

На штандот на издавачка куќа Култура, во арена Борис Трајковски, 8ми септември.

Официјалната КОРИЦА “Соба 610”
8ми СЕПТЕМВРИ

„Не, немој тука“ – Јован Илиески

Веќе долго време јадеме на иста маса. Доволно долго заспивам покрај тебе. И во тоа долго време, јас имам изгубено зборови да го опишам овој живот со тебе. Одамна имам занемено кога ќе ме прашаат како ми е со тебе, што ни` се случува и зошто баш со тебе, од толку многу луѓе. Јас пак, секогаш враќам со насмевка, ако не ми се зборува или пак, ако мислам дека нешто е премногу вредно да го уништам со моите зборови. Затоа, молчам.
Јас и ти долго време сме заедно. Не премногу, но, доволно долго. Неодамна почнавме да делиме иста постела, ист кревет. Секојдневните нешта станаа уште по секојдневни, а магијата заспа и никако да се разбуди, откако јас и ти спиеме заедно. Има ноќи кога ќе се завртам на другата страна и нема да ти прозборам, а ќе ме слушаш додека плачам тивко. Има вечери кога ќе го сменам каналот на телевизорот, а ти нема да се побуниш која е причината. Па, оттаму, престанале да се раѓаат нови идеи, дискусии и желба за растење со тебе. Јас секој ден сум надвор. Мене ми требаат нови нешта, но упорно се задоволувам со тоа што останало. Патем, деновите ги поминувам со обврски околу работата, кога можам пишувам и работам на моето следно дело, а во меѓувреме чувствувам притисок од јавност, од публика и од медиуми. Ти тоа не го разбираш и тебе тој свет ти е непознат. Мислиш дека ми е удобно и дека претерувам, но и дека сакам да претерувам, па затоа не прашуваш. Ти не можеш да сетиш да прашаш како ми било после напорен ден со сеанси во мојата ординација, кога седнувам да пишувам на мојот лаптоп без да разговарам со тебе. Тебе сето тоа ти е нормално да се случува и затоа нештата се такви какви што се.
Затоа, некогаш подолго ме нема дома. Ќе се задржам на некое досадно кафе или ќе прошетам сам во паркот или ќе направам некое непотребно сликање, па ќе си ја истурам некаде енергијата, наместо да се сетам оти дома те имам тебе, оти дома ме чекаш ти.
И гледаш каде е проблемот? Јас не можам да се сетам оти тебе те имам дома. Јас не можам да се сетам наеднаш, освен ако не се исфорсирам да се запрашам што ме чека дома, па тогаш, ќе се сетам на тебе.
Колку време сме заедно, па јас не сум те слушнал да прашаш зошто го пишувам тоа што го пишувам, зошто го објавувам тоа што го објавувам и како се носам со сиот тој притисок. Ти не си тука за да ми се најдеш, ти се` уште мислиш дека моето минато е мое минато и ти не треба да се распрашуваш. И баш така, како да раскажувам шега, наеднаш се заинтересира, па ми се обрати и ме праша нешто сосем неочекувано додека седевме во нашиот дом и мрзеливо јадевме пилешки прсти.
„Зошто се лутиш кога ќе ти кажам дека претеруваш кога премногу чувствуваш?“
„Затоа што немаш право да ми го кажеш тоа.“ – ти одговорив.
„Јас го зборувам тоа за твое добро.“
Ти не правиш ништо за мое добро сега, помислив.
„Види, тогаш, направи нешто за мое добро, и кога ќе ме прашаш зошто ги правам нештата на начинот на кој што ги правам, пробај повеќе да разбереш. Во ред?“ 
„Гледаш, ти веднаш се лутиш.“ – кажа одлучно. – „Со тебе не може да се разговара.“
„Секако.“ – ти се насмевнав. – „Со мене не може да се разговара, затоа што со мене одамна не се разговара. И кога човек прави нешто предолго време, станува добар во тоа, без разлика дали е добро или лошо. Јас и ти не зборуваме. Ти уште не знаеш зошто почнувам да плачам ако раката ја поставиш на погрешно место кога водиме љубов.“
„Гледаш?“ – кажа безосетно. – „Ти мислиш само на себе.“
„Така?“ – ми се насолзија очите и станав од масата.
Веднаш излегов од собата.
„Може да застанеш малку?“
Не ти возвратив и не те удостоив со одговор и направив баш така како што ти замислуваш дека јас си правам, оти мислам само на себе. Па, во мигот не ми беше важно дали ќе те најдам после дома или ќе ме напуштиш – едноставно, истрчав од просторијата, за мое добро.
Ти не ме ни прашуваш зошто тоа се случува. Ние не разговараме, а ти ова го нарекуваш љубов. Оддалечувајќи се од разговорите, се оддалечуваш од нашата суштина, а јас немам тука што повеќе да барам.
Ти никогаш не научи што навистина ме прави тажен, иако знаеше што ме прави среќен. Никогаш не научи како со повреден човек, како со човек кој бил прегазен со камион и не знае за среќа.
По кој пат да си  кажам на себе, мислам дека нема да научам – среќа не се гради со човек кој не знае како со твојата тага.
И не, потоа не се вратив во собата. Потоа, не ти се јавував и не ти одговарав на повиците. Ми требаше време. Да сфатам, зошто го правам тоа што го правам.
И се` заврши, тогаш.
Заврши се`, не поради тоа што заминав и не се вратив.
Туку, поради тоа што не знаеше да сфатиш дека ми треба време да поминам преку сите мои трауми и сето зло што ми беше нанесено. Ти заборави дека живееш со човек, а не со робот. Заборави дека човекот со кој живееш има рани по телото кои сеуште можеш и физички да ги допреш и со очи да ги видиш.
Истите тие места кои претходно биле удрени, кога ќе ги допреше ти, не ти беше јасно зошто некогаш знаев да кажам „не, немој тука.“
Не ти беше јасно.
Ниту за тие рани,
ниту за времето што го побарав од тебе.

Unhappy couple sleeping in bed

„КОГА ЌЕ СЕ ЗЕМЕМЕ“ | Јован ИЛИЕСКИ

Кога ќе се земеме,
гледај, те молам, да ме будиш наутро.
Ни аларм не може да ме стане.
Кога ќе се земеме,
гледај да не ми правиш гримаси,
пробувајќи да се сконцентрирам 
да направам нешто корисно.
Кога ќе се земеме,
ќе ги собираш алиштата од подот,
и нема да ти ги дигам јас,
да си знаеш.
Поради истово и со мајка ми се карав.
И неа ја сакав, не му ја грижи ти.
Ама, научи се на мене.
Кога ќе се земеме,
ќе те чека ручек дома,
ама салата ме мрзи да делкам.
Засукај тоа ракавите и употреби ги
убавите дланки, освен за допирање
уметности во кревет.
Кога ќе се земеме,
во текот на денот,
не сакам да ми го менуваш каналот.
Кога ќе се земеме,
не сакам да расправаме политика,
туку тоа време плунки да менуваме.
Кога ќе се земеме,
нема да ме напињаш дали те сакам.
Океј?
Те сакам, затоа што дозволувам да ме видиш,
во моето најгрдо издание
и не се срамам да ти се покажам со голо тело
или душа.
Кога ќе се земеме,
знаеш дека прстен ќе си ставиме на рака,
пред олтар, пред матично, сегде кај што ќе стигнеме,
и тоа ќе научиш да не го гледаш секој ден,
и да ме потсетуваш дека сме заедно,
затоа што сакам да си бидеме секојдневие.
Е така.
Кога ќе се земеме,
навечер кога ќе се вратиш од работа,
остави ги усмрдените чевли надвор!
Измочај се и дојди в кревет.
Кога ќе се земеме
и кога ќе си дојдеш со скапана душичка од работа,
знај да ја затвориш и заклучиш вратата зад тебе.
Нема да трчам по тебе, веруј.
Јас ќе си спијам.
Се дур` не дојдеш и ме разбудиш со бакнеж.
И некогаш тоа ќе го сметам за најубавото нешто
што ми се случило,
а некогаш ќе ми оди да ти ја скршам главата од ѕид.
Ти велам, кога ќе се земеме,
пази што правиш со пријателите надвор,
и што пиеш – и колку пиеш.
Нема да те пазам.
Ќе рачунам – земени сме.
Наши сме.
Кога ќе се земеме,
И кога ќе ми се правдаш дека си на деловен ручек,
нема да мислам дека ме вараш,
ами ќе ти верувам.
Кога ќе се земеме,
ќе сфатиш зошто никогаш не би ме зела,
ако би ме знаела каков сум, во суштина.
Кога ќе се земеме,
нема назад.
Кога ќе се земеме,
можеби и ќе ти збоктисам, бре!
Ама кога ќе се земеме,
и кога ќе сакаш да се разделиме,
ќе ти го оставам прстенот на масата,
и ќе го потпишам документот.
Кога ќе се земеме
и откако ќе го потпишам документот,
дека нели фактички нема да бидеме више земени?
Епа, тогаш, ќе се ослободиш од моите секојдневни срања.

Кога ќе се земеме,
и откако ќе го потпишам документот
и ќе ти го оставам прстенот на масата и ќе заминам.
Епа, баш тогаш, ќе ти фалат моите секојдневни срања
и ќе ме сакаш, било каков, макар и најлош, назад!

И така, кога веќе ќе си отидам, и ќе ме сакаш назад,
жалам, ама ќе можеш само да го гледаш прстенот на масата,
што некогаш ми стоел на прстот, по твоја заслуга.

Кога ќе се земеме,
се надевам дека ништо од ова нема да се случи.

Затоа што кога ќе се земеме
и откако ќе се оставиме,
ќе ми го гледаш само прстенот на масата
и ќе те потсетам дека можеш сега и двата прстени да си ги ставиш!
Затоа што си ужасен материјалиста.

Затоа што се` ми виде, во тие денови заедно.
Се` ми виде, откако се зедовме.
Сите маани, сите доблести, сите манири, сите убавини, сите грдотии.
Само љубовта не ми ја виде.

Затоа, кога ќе се земеме,
да се надеваш да не ти го оставам прстенот на масата!

Кога ќе се земеме,
ќе посакаш никогаш да не сме го направиле тоа.

Затоа што јас сум тој кој што е вљубен до гуша,
а ти си таа која што три пати ми спомена во лице,
колку долари сме ги платиле бурмите.

Ете ти ги!

Кога ќе се земеме,
ќе заминам, денови, недели, месеци, подоцна – кога и да се освестам.
И тогаш, кога ќе си заминам,
ќе самуваш до смрт.
И ќе најдеш друг.
И ќе си го уништиш животот,
со самотија преполна со луѓе.

Ама, ти велам, послушај ме,
кога ќе се земеме,
да се надеваш,
кога ќе се земеме,
да не ти го оставам прстенот на маса,
и да не ти ја треснам вратата,
како што ти знаеше да го направиш тоа.

Кога ќе се земеме,
и откако ќе го потпишам документот,
дека нели фактички нема да бидеме више земени?
Е, па, ќе си речам
Фала богу, те откачив.
Фала богу, ќе си речам,
оти се` виде, освен љубовта моја.

„Научив“

Научив дека ме сакаш,
кога не се сакам воопшто.
Научив дека на секоја моја суша,
доаѓа твоето цунами.
Научив дека ме љубиш,
и кога не можам да се поднесам.
Научив дека ме зјапаш вљубено,
кога самиот не можам да се видам.
Научив дека ме тераш да доживеам ерекција,
кога не ни помислувам на секс.
Научив дека ме слушаш,
и кога гласот ми умира во лоши соништа.
Научив дека ме сонуваш,
и кога јас буден те мислам и те измачувам.
Научив дека ме гледаш буден,
кога јас спијам мирно и не мислам на тебе.
Научив дека ме тераш да правам грев,
тогаш и кога сакам да одам во недела в црква.
Научив дека ме тераш да бидам најчистиот,
кога сакам да грешам најмногу.
Ме разболуваш кога сум излечен,
ме лекуваш кога сум болен.
Во мои очи, ја преобликуваш љубовта,
и и` даваш друго име.
И` го даваш моето име.
Ти велам дека тоа не е име за љубовта,
а ми велиш дека јас не знам ништо за љубовта.
И јас се разлутувам.
Затоа што јас знам. Знам повеќе од тебе.
И ти на крај признаваш.
Ми велиш
„Добро, ти знаеш повеќе за љубовта,
ама јас знам повеќе за љубовта кон тебе.“
Јас те прашувам. – „Како тоа? Не можеш.
Не можеш да знаеш повеќе од мене, за љубовта кон мене.“
Ти објаснувам.
А ти ми велиш:
„Можам. Затоа што почнав да те сакам во време,
во ера кога ти самиот се сомневаше во твоето постоење.
Не ми е да се фалам, ама му дадов смисла на твоето постоење,
и пропаст на мојата себељубов.
Цела ти ја дадов тебе.“

tumblr_mh52ojPjsL1qkez3fo1_500

НАСКОРО – „НОЌТА КОГА ЈА НАПУШТИВ ПРАГА“

Уште еден мал извадок од новиот роман:

Челичното срце на Републиката, Острава, 1912

Сеќавав дека не сум патувала воопшто. Возот како да беше летал. Матео ми заспал во раце и не се ни поместил откако сум го ставила на изморените колена. Кондуктерот со тропотот ми ја разбушави косата кога се затресов од прозорецот на кај седиштето и ги отворив очите. Го видов малиот Матео како сеуште спокојно спие и не сакав да му го нарушувам сонот, зашто чинам пак сони нешто за кое само еден Бог знае.
И за миг повторно се сетив на Јан. Ама што побрзо, си реков, што побрзо, да го тргнам од мисла и да се погрижам јас и Матео да стигнеме  сигурно во куќата на мојот вујко Марек, кој беше сместен во централниот дел на градот Острава.
Го зедов Матео во раце, и целата поспана се сетив на човекот кој пред неколку часа ми зборуваше во вагонот. Јосиф го немаше во возот веќе. Се завртев налево, каде што си замина, кога го напушти моето седиште.  И таму го немаше. Си реков, добро е, време е да си ја побарам својата среќа.
Кога конечно возот застана на станицата во Острава, јас го напуштив истиот, по само неколку минути откако со поглед го барав човекот.
Застанав на улицата која водеше до главниот булевар, и го фатив првиот пајтон што ми застана на патот.
Влегов и на пајтонџијата му ја кажав локацијата на вујче Марек.
Во умот ми се вртеше надеж, да што побрзо и побрзо, ќе ја заборавам Прага, заедно со Јан.
И се надевав дека Марек ќе ја прифати загубата на Јан, ништо помалку од тоа како го направив јас. Но, јас не можев, а се надевав дека самецот Марек, ќе ми даде повторно желба за живот, затоа што го знаев. Знаев каков човек е. Знаев што може да прави со својата насмевка, секакви чуда. И кога животот го уништува, тој му се смее в лице.
И се надевав дека ќе престанам да живеам во надежи, иако немав друг избор.
Не ми остана ништо освен Матео, и се` што се надевав, беше за него.
За негово добро.

TGI

ИЗВАДОК ОД НОВИОТ РОМАН!

Јас ги ширам рацете на полјаната и го натерувам да ме брка низ житните полиња, иако алиштињата лом ќе ни се направат. Ми ги следи чекорите и ме подгурнува на тревичката ама јас не се давам. Цврсто го држам телото приземи и тој ми пружа насмевка која вели дека можеби – ама само можеби, тоа е мојот нов дом.
Ме фаќа околу половината, додека не гледаат расцутените дрвја, пожолтените растови на полињата и додека нежно не ѕирка сонцето пред да ги зајде зраковите зад планините. Јас му ги поставувам рацете на рамениците и тонеме во длабока спокој, велејќи си ги вистините во себе – дека сме конечно среќни.
Ова воопшто не ми беше планирано, си велев. Не ни се надевав дека ќе најдам друга среќа која што ќе биде скоро па еднаква на онаа во Оломоук, откако се преселивме со Евген и Каја во Прага.
Си велев, колку сум благословена да му се радувам на денот на ваков начин, а колку сум проколната што ќе треба да си легнувам со истата среќа и неспокој поради дозата грст грижи кои што ми лежат на совеста.
Тој ден, на сонцето кое налето конечно ги осветли нашите глави и срца и не најде во среќни мигови, јас и Јосиф се ветивме еден на друг.
И кога легнував, си велев, Ингрид, ти можеш да го задржиш ова ветување.
e40651d838f7a17b90f951ab72fa912a

„Ти се лутам“ – Јован Илиески

Ти се лутам. Ти се лутам затоа што не јадевме сладолед заедно. Ти се лутам затоа што не го гледавме омилениот филм во кино. Ти се лутам затоа што не ми направи појадок тој ден. Ти се лутам затоа што една вечер не сакаше да одиме во моето омилено кафуле. Ти се лутам затоа што сакаше да ја поминуваме улицата на црвено. Ти се лутам затоа што не ги враќаше навреме книгите во библиотека. Ти се лутам зошто не сакаше да дојдеш со мене кога ти велев, ќе те запознаам со моите. Ти се лутам затоа што не сакаше да ти го купам омиленото лизалче. Ти се лутам зошто не слушаше музика ко мојата, ама таква и ти прилегаше, па ти го простував тоа. Ти се лутам зошто никогаш не слушна песна која ти ја посветив. Ти се лутам поради тоа што беше инает. Ти се лутам затоа што не сакаше да го пробаш она што ми се допаѓаше мене. Ти се лутам затоа што ме влечеше ко мртов по тоа бутиците, а небаре не сакав. Ти се лутам за летото кога ми се налути и не го поминавме заедно.
Ти се лутам затоа што не ми го знаеше срцето.
Ти се лутам затоа што не ми прочита од очиве.
Ти се лутам зошто не ми се лутеше и ти се лутам зошто не ме љубеше.
Ти се лутам затоа што не ја живеевме нашата приказна.
А прерано си отиде.
Не прашува. Никој.
Ти се лутам. Лут сум ти.
Лут сум ти затоа што не дозволи да напишеме приказна заедно.
Сега вака ќе се сретнеме еден ден нечии или ничии,
и борбата ќе биде во тоа кој ќе издржи
да не заплаче.
Требаше на време да мислиш, луда главо.
Ама и таква те љубев.
Баш таква каква што ми се случи.
Душичката ти ја љубев. Не знам како да ти кажам.
Така целата те љубев, како порцеланска кукла.
Ама те љубев.
Разбираш што ти зборам сеа?
Те љубеВ. Тоа беше еднаш и никогаш повеќе.
И затоа што никогаш нема да се повтори,
затоа ти се лутам, кукло една.
И затоа нема никогаш да ти простам.
Ти се лутам и ти се лутам.
Сега јас ќе бидам инает.
Никогаш нема да ти го простам,
тоа што дозволив да ми се случиш.
Луда една!
Никогаш нема да ти го простам сладоледот,
кој никогаш не го добив.
Ти се лутам.

Ама треба да знам,
да не се лутам на тебе
и на таквите ко` тебе
и да те разберам оти не секој е писмен да чита меѓу редови.
tumblr_mvbaurByDX1sqb23mo1_500

„Мојот дом е твоето име“ – Јован Илиески

Ти си мојата замисла за љубов откако знам за себе.
И сега те наоѓам. И никогаш толку не сум љубел.
И ти си мојот дом.
И јас мојот дом го плаќам сега.
И со прегратки. И со солзи. Со гревови. Со грешки.
Со камата.
Откако ја доживувам среќата, ја плукам од себе.
И потоа повторно се враќам кај тебе,
затоа што ти си мојот дом.
И кога ни` се поврзуваат срцата преку погледи,
јас знам дека мојот дом е кај тебе,
и дека уште ќе плаќам ако е потребно.
И знам дека овој мој дом е зло,
но ти си таму и тоа е се` што некогаш сум сакал.
Па, велам, ќе плаќам ако треба.
И тука, и на другиот свет.
И ти си премија.
Ти си среќната коцка која во рака ја вртев со години.
Конечно ја пуштив и се погодија бројките.
Јас ќе те чувам и ќе те паметам.
Јас си го должам тоа на самиот себе.
И нема да лажам ако уште сега ти кажам дека
можеш да ми го земеш срцево,
затоа што и така е твое.
Не знам зошто уште ми седи во градиве,
кога секоја ноќ во твојот дом ти преспива во градите.
Дојди сега, послушај ме.
Фати си го најбрзото такси и дојди во мојата туѓина.
Донеси го твојот дом и да ти го дадам срцево.
А тебе пак, нема да ти биде јасно, нели?
Ќе ти го дадам срцево во раце и ќе се прашуваш
зошто воопшто е во твои раце?
Вака. Ќе чекам да помине еден цел животен век,
да сфатиш дека само мене си ми цело мое небо
и се` што човек може да замисли како дом.
Едно небо. Една галаксија. Една куќарка. Една соба.
Една улица. Една приказна. Едни очи. Една насмевка.
Еден двор. Еден град. Една држава. Едно срце.
Една викендичка, еден здив, или што било.
Различни домови, различни имиња.
А мојот дом е твоето име.
И затоа ти велам, земи ми го срцето,
затоа што веќе во твоето срце, моето е.
Без да знаеш, без да гледаш.
Различни домови, различни имиња.
А мојот дом е твоето име.
tumblr_mvon18UToi1s31miko1_540

„Оправдување“ – Јован Илиески

Јас знам како се справувам со тебе.
На другите те објаснувам со насмевка.
Кога ќе ме прашаат за љубовта,
само се насмевнувам.
А сите знаат дека тоа е една насмевка и ништо повеќе.
Ама мојата насмевка го носи твоето име.
Мојата среќа има (твој) идентитет.
И мојата уметност во моите соништа и реалност се твоите букви
измешани од името твое и пловат некаде
додека не ги најде некој, да ме праша чии букви се.
Јас ќе кажам дека тие се нечии букви, знаејќи дека се твои.
А тие се мојата насмевка.
А ќе ги средам, тогаш кога ќе се средам јас самиот.
Дотогаш ќе се смеам и ќе знам дека тоа е поради
твоите букви кои го прават хаосот во мене.
Дотогаш ќе те објаснувам со насмевка.
Дотогаш, ќе се смеам и ќе знам да се надевам,
но реалноста е дека никогаш нема да ми се скроти дивоста по тебе,
затоа што во оваа пустина во која си ги вклопуваме душите,
јас сум дождот,
а ти грмотевицата.

  • Јован Илиески, 2017
    tumblr_ny6qjoGTRu1r9jby1o1_500

„НЕчовек од моите сеништа“ – Јован Илиески

Таквите ко тебе се денес многу.
А треба да се малку.
Таквите ко тебе вооошто не се машки.
Воопшто не се луѓе.
Оние кои бакнуваат без да им трепне,
а потоа оставаат без да им трепне.
Ветуваат, лажат, љубат.
За последното не е сигурно.
Но, човек премислува пред да скрши,
ако е човек.
Тоа тебе те одделува.
Ти не си само немашко.
Ти си нечовек.
Од некому на којшто си му дал многу,
не се заминува туку така.
И сега кај жените те бие лош глас, така?
Затоа што ако си го направил на една,
си направил и на многу повеќе.
Си велам, да се сетев на време и
да ти кажев во лице дека си еден од моите гревови.
И дека грешам уште еднаш, поради тебе.
Ама тебе не ти беше грижа,
ниту за тоа што ме скрши,
ниту за тоа што гревев за тебе,
ниту за тоа што плачев по тебе.
Ти се виде лесно, и што побрзо истрча од мене,
за да не ти препознаам ни сенка.
А јас и сенка ти знаев,
не оти те сакав,
туку оти беше една од моите сеништа,
за кои никогаш не сум била сигурна
дали ги љубам, или ме прогонуваат.
Ги легнувам или ме легнуваат.
Ги кршам или ме кршат.
Грешка или казна ми се,

најголем грев

или

најголем благослов.
tumblr_okrv8133zp1ulpjajo1_500